Нема производи во вашата кошничка.

Ориентални зачини - како храна и лек

Егзотичните зачини од Ориентот се одлични, како за вкусот на јадењето, така и за здравјето. Сите ориентални зачини се користат и за слатки и за солени јадења, но и во народната медицина. Прочитајте нешто повеќе за ...

Цимет

Потекло и видови

Кај нас е застапен цејлонскиот цимет. Како зачин се користи кората од млади гранки, која може да се сомеле или истолчи за да стане како прав. Ова е многу ароматичен зачин кој најчесто се користи за разни слатки, како и за ликери, но има значајна улога и во солените јадења, посебно во источните специјалитети.

Многу е сличен и кинескиот цимет, познат како касија, но аромата му е малку поизразена, а вкус малку лут. Се употребува исто како и цејлонкиот цимет.

Циметот како лек

Во народната медицина циметот се користи за поттикнување на работата на желудникот, цревата и жлездите, за спречување на надуеност на стомакот и за намалување на породилните болки, а етеричното масло од цимет се користи за инхалација и прочистување на дишните патишта.

Морско оревче

Потекло и видови

Мушкатното или морското оревче, всушност е семе на плод кој личи на праска, а мушкатниот цвет или мацис е тенко кожено ткиво меѓу јадрото и месото на плодот, т.е. тоа е обвивката на семето. И двата зачина имаат пријатен мирис и потекнуваат од индонезиските Молучки острови, но денес се одгледуваат и во други краеви на светот. Интересно е дека првата поголема берба на семето се врши кога растението ќе наполни 15 до 20 години, но затоа во следните 30 или 40 години ќе дава по 1500-2000 плодови годишно.

Мушкатното оревче и цветот имаат скоро исти ароматски компоненти, во незначително променет сразмер.

Употреба – како зачин и лек

Оревчето и цветот се користат за јадења со месо, со тестенини и зеленчук, посебно со компири, како и за разни слатки, пудинзи, варено вино и слично.

Во народната медицина се користи како природен стимуланс, а важи и за афродизијак. Етеричното масло од морско оревче често влегува во состав на некои парфеми и кремови.